Киев, 27 април 2022 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека Русија нема право да ја претвора нуклеарната енергија во оружје, како и да „го уценува светот со употреба на нуклеарно оружје“, јавија странски агенции.
Зеленски вчера, на 36-годишнината од трагедијата во Чернобил, изјави дека светот повторно е само на чекор од катастрофа, затоа што, како што наведе, „за руските сили таа нуклеарка е само уште една борбена зона каде што не се грижат за нуклеарната безбедност“.
На заедничката конференција со Зеленски, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија – Рафаел Гроси, нагласи дека МААЕ ќе продолжи да работи на обнова на капацитетот и на инфраструктурата, оштетена изминатите недели.
„И покрај сите тешкотии, важно е да гледаме кон иднината, во моментот кога Украина повторно ќе има мир и безбедност, тоа што го заслужуваат сите граѓани на оваа земја“, истакна Гроси.