Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до Парламентарното собрание на НАТО да го обедини меѓународното владеење на правото и да се справи со тероризмот.
Тој го спореди нападот врз Израел од, како што рече, „терористичка организација“ со слични тактики што ги користи Русија, за која рече дека е „терористичка држава“.
Говорејќи преку видео врска, тој рече дека светот може да се согласи за голем број дефиниции за тероризмот.
„Не силувајте жени. Не убивајте. Не третирајте ги децата како трофеи. Не полнете села и градови со крв. Не пукајте во цивили во автомобили… Тоа треба да биде основата“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Хамас и Русија ја користеле истата тактика и дека израелските новинари кои биле во Украина и биле сведоци на последиците од злосторствата таму сега гледаат дека истото се случува и во нивната татковина.
Зеленски тогаш кажа нешто што може да се смета за критика на републиканците во американскиот Конгрес, пишува Гардијан.
„Ова не е време за повлекување од меѓународната арена во внатрешни спорови. Не е време да се молчи“, рече Зеленски, додавајќи дека луѓето не треба да се преправаат дека тероризмот на еден континент нема да влијае на остатокот од светот.
Украинскиот претседател го поврза Иран со инвазијата на Украина и нападот врз Израел.
„Иран не може да каже дека нема никаква врска со она што се случува во Украина ако ѝ продава беспилотни летала ‘Шахед’ на Русија“, рече украинскиот претседател.
Претходно, синоќа, Зеленски телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и изразил солидарност со Израел.
„Разговарав со Нетанјаху за да ја потврдам солидарноста на Украина со Израел, кој страда од дрзок напад од големи размери, и да изразам сочувство за повеќекратните жртви“, соопшти Зеленски на социјалните мрежи, правејќи споредба меѓу Израел и војната во Украина, наведувајќи дека „правото на Израел на самоодбрана е несомнено“.
Тој рече дека неговата влада формирала оперативен штаб за да им помогне на сите Украинци во Израел.
Инаку, официјални лица проценуваат дека околу 15.000 украински бегалци избегале во Израел. Иако испрати тони хуманитарна помош, Нетанјаху постојано одбиваше да го снабдува Киев со оружје.
Извор: МИА