Претставниците на екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО) денеска го напуштија Долниот дом на австрискиот Парламент за време на онлајн говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во знак на протест против нарушувањето на австриската неутралност.
Зеленски им се обрати на пратениците преку видео врска и и’ се заблагодари на Австрија за хуманитарната помош и помошта во проекти, како што е деминирањето.
Неутралноста на Австрија ја спречува официјална Виена воено да се вклучи во конфликтот и иако политички ја поддржува Украина, таа не може да испрати оружје за борбата против Русија.
ФПО претходно најави дека на некој начин ќе изрази протест против говорот на Зеленски. Неговите претставници беа присутни во парламентот на почетокот на говорот, а потоа станаа и ја напуштија салата.
-Жално е што ФПО е единствената парламентарна партија која сериозно ја сфаќа нашата постојана неутралност и во исто време се залага за мир, рече шефот на ФПО, Херберт Кикл.
Претставниците на ФПО на своите бироа оставија помали плакати со партиското лого и порака „Простор за неутралност“ или „Простор за мир“.
Од петте партии во Долниот дом, ФПО е трета партија по број на пратеници. Во моментов, според анкетите, партијата малку заостанува во рејтингот зад опозициските социјалдемократи и конзервативците на канцеларот Карл Нехамер, кои владеат во коалиција со Зелените.
МИА