Зеленски не сака прекин на огнот: Русија ќе добие шанса за прегрупирање и вооружување

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Естонија ја отфрли можноста за прекин на огнот во војната против Русија, изјавувајќи дека Кремљ ќе ја искористат таквата пауза за повторно вооружување и прегрупирање.

-Пауза на украинското бојно поле нема да значи пауза во војната. Паузата би и одела на рака на Русија. Тоа подоцна може да не скрши, рече Зеленски во Талин.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година, периодично се предлагаа ограничени прекини на огнот, но никогаш не стапија на сила.

По 22 месеци тешки борби, на кои се уште не им се гледа крајот, двете завојувани страни се обидуваат дополнително да се вооружат. Бидејќи линијата на фронтот е долга околу 1.500 километри, таа главно е статична за време на студеното време, па на двете страни им се потребни артилериски гранати, ракети и беспилотни летала што овозможуваат удари со долг дострел.

Прочитајте и:  Кремљ: Американската противракетна база во Полска бара соодветни мерки

За време на престојот во главниот град на Естонија, како дел од дводневната посета на балтичките земји, Зеленски денеска кажа и дека Москва купува артилериски гранати и ракети од Северна Кореја и беспилотни летала од Иран.

Зеленски врши притисок врз западните сојузници да обезбедат поголема поддршка за Украина, која веќе доби повеќе десетици милијарди долари воена помош.

Естонскиот претседател Алар Карис, на денешната заедничка прес конференција со Зеленски, кажа дека на Украина и треба повеќе оружје и дека и треба подобро оружје.

-Треба да го зголемиме воениот производствен капацитет за Украина да го добие тоа што и треба. И не утре, туку тие тоа треба да го добијат денеска, рече Карис.

Зеленски вчера ја посети Литванија, а од Талин оди во Летонија.

МИА

- Реклама -