Зеленски: На цел свет му е јасно дека Русија претрпе пораз, но ѝ недостасува храброст да го признае тоа

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во синоќешното обраќање изјави дека Русија претрпела стратешки пораз во Украина и оти тоа му е јасно на целиот свет.

„На Русија ѝ недостасува храброст да го признае тоа“, рече Зеленски, додавајќи дека руските сили се „кукавици“ кои се обидуваат да ја скријат вистината зад ракетни, воздушни и топовски напади.

Во интервју за италијанската државна телевизија РАИ, пак, синоќа Зеленски изјави дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, потенцирајќи дека мора да се најде договор кој нема да биде основан на руски ултиматум како услов.

Зеленски рече и дека Украина никогаш нема да го признае Крим како дел од Русија.

„Крим секогаш имал своја автономија, има свој Парламент, но, внатре во Украина“, рече украинскиот претседател.

Зеленски ја коментираше и изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон – дека „Европа никогаш не смее да подлегне на искушението на понижување или духот на одмазда по прашањето за руската војна против Украина“. Зеленски повтори дека тој и Украинците  единствено сакаат руската војска да ја напушти нивната земја и додаде дека не е нивна задача ниту намера да го чуваат образот на Путин а тоа да го плаќаат со својата територија, што би било, рече, неправедно.

Прочитајте и:  Калас: ЕУ мора да ја поддржи Украина колку што е потребно

„Мораме да размислуваме за иднината на Русија. Јас, како претседател на Украина, велам дека тоа се наши соседи. Ќе има и други претседатели и други генерации, додаде украинскиот претседател.

Претходно „Политико“ објави дека Зеленски потврдил дека Макрон побарал од Украина да направи отстапки во поглед на својот суверенитет за да запре војната и „да му помогне на рускиот лидер Владимир Путин да си го сочува образот“.

Елисејската палата денеска ги отфрли таквите наводи:

„Претседателот на Републиката никогаш не разговарал за ништо со Владимир Путин без согласност на претседателот Зеленски и никогаш не побарал никакви отстапки од претседателот Зеленски. Тој секогаш велел дека Украинците треба да одлучат за условите на нивните преговори со Русите“, порача Париз.

- Реклама -