Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „не ја треснал вратата“ за потенцијалните мировни преговори со Руската Федерација.
„Не ја треснав вратата. Реков дека ќе бидеме подготвени да разговараме со Русија – но со друга Русија, онаа која е навистина подготвена за мир. Онаа која е подготвена да признае дека тие се окупатори… Но само доколку вратат сѐ. Земја, права, слобода, пари. И што е најважно, правда“, рече Зеленски во интервју за Си-ен-ен, што беше објавено вчера.
Зеленски додава дека засега освен ултиматум, ништо друго не слушнал од актуелниот претседател на Руската Федерација – Владимир Путин.
„И досега не сум слушнал дека се подготвени да ги прифатат нашите, украински услови – ниту од Путин, ниту од кој било друг руски функционер“, рече Зеленски.
МИА