Зеленски ја повика ЕУ да ги почне преговорите за членство на Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска ја повика Европска Унија да одлучи да ги отвори претпристапните преговори со Украина.

„Одамна е време да се отстрани оваа вештачка политичка неизвесност во односите помеѓу Украина и ЕУ. Дојде време да се донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори“, истакна Зеленски во Киев на заедничката прес-конференција со претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.

Тој исто така ја повика ЕУ да ја забрза испораката на артилериска муниција во Украина.

Зеленски ѝ се заблагодари на Фон дер Лајен, која е во посета на Киев на Денот на Европа, за европската одлука да испорача „еден милион гранати“ во Украина, но тој инсистираше на распоред за достава.

„Разговаравме за клучното прашање: Брзината на снабдување и испорака на оваа муниција. Таа веќе е потребна на бојното поле“, посочи Зеленски.

Тој за извозот на украински житарки повтори дека ограничувањата на ЕУ се неприфатливи „бидејќи ги зајакнуваат способностите на рускиот агресор“.

Зеленски вчера со декрет го прогласи 9 мај како Ден на Европа, а не како ден на комеморација на победата над нацистичка Германија, како што се слави во Русија, според советската традиција.

Прочитајте и:  Орбан: САД предводени од Трамп ќе ја напуштат војната во Украина

„Ја поздравувам одлуката на претседателот Зеленски да го прогласи 9 мај за Ден на Европа. Украина е дел од нашето европско семејство“, изјави Фон дер Лајен.

Таа додаде дека нејзиното присуство во Киев по повод 9 мај е симболично, но и дека тоа е знак дека „ЕУ работи рака под рака со Украина за многу прашања“.

Претходно таа изјави дека ЕУ се фокусира на зголемување на притисокот врз Русија, обезбедување на целосно спроведување на санкциите и затворање на постоечките „дупки“ за да ги избегнат санкциите.

„Ние сме решени да ги затвориме постоечките дупки. Никој не треба да се сомнева во тоа“, им рече таа на новинарите од Европската редакција (European Newsroom), чија членка е и МИА.

За евентуалното членство на Украина во ЕУ, Фон дер Лајен со ништо не навести кога тоа би можело да се случи, но нагласи дека Украина е дел од европското семејство.

Една од целите на разговорите со Зеленски е „да се подготви теренот за почеток на пристапните преговори“, рече таа.

Извор: МИА

- Реклама -