Coca Cola го користи логото од 1887 година, а во 20-тите години реши да го стави на црвена позадина. Но, брендот сега позелене, барем во Аргентина.
Гигантот во областа на безалкохолни пијалоци лансираше на пазарот во Аргентина Cola Life, засладена со природни шеќери и стевија. Амбалажата е иста како „црвената“ Coca Cola и е направена од 30 проценти природен материјал и целосно може да се рециклира.
Новиот пијалок има 108 калории во шише од 600 милилитри, за разлика од класичната Coca Cola со 250 калории и Diet Coke со нула калории.
„Coca Cola Life е првиот газиран сок од фамилијата на Coca Cola со природни засладувачи и стевија“, се вели во соопштението на компанијата. Од таму не соопштиле кога „зелената“ Coca Cola ќе се најде на пазарите во други земји во светот.
Најголемата компанија за производство на газирани пијалоци во светот користи стевија во 45 продукти, како на пример Vitaminwater Zero и Fanta Select, но никогаш во најпознатиот пијалок Coca Cola.