Зеќири за „Двојник“: Секој што се огрешил пред законите ќе одговара

Генералниот секретар на Владата и потпретседател на СДСМ – Мухамед Зеќири, смета дека најважно околу случајот „Двојник“ со нелегалното издавање пасоши е што оваа влада го решава проблемот, ја заврши истрагата и истата е на добар пат да биде затворена, а они кои дозволиле да се случува тоа – да одговараат пред судските органи.

Во државата си има органи кои си ја тераат истрагата и на крај истрагата треба да каже дали некој е виновен или не, но тој што се огрешил пред законите, кој и да е, ќе одговара, истакна Зекири во емисијата „24 анализа“ на „ТВ24“.

„Ние не сме од тие што по секоја цена браниме некој затоа што бил близок на владејачката структура и не еднаш сме го докажале во овие години на владеење“, истакна Зеќири, додавајќи дека во минатото се случувало сосема обратното – по секоја цена се бранеа функционери.

„Сега функционерите имаат доблест да поднесат оставка ако бидат прозвани од јавноста, институциите си ги тераат истрагите непречено без никој да им смета, институциите соработуваат со нив, и на крај да видиме кој ќе биде исходот, законите морат да важат за сите подеднакво“, рече Зеќири.

Според него, сега се апсат криминалци на големо, има полициски акции речиси секој ден, се фаќаат огромни количини на дроги и се прави сѐ што треба да се прави. Тоа е работата на полицијата, тоа е работа на државните институции – кога секој ќе си ја гледа својата работа и никој нема да биде заштитена мечка како што било случај во минатото, рече Зекири.

„Сега 11 лица се осомничени дека го правеле тоа, со име и презиме се знаат луѓето кои се и се дадени пред Јавен обвинител којшто треба да си ја истера работата до крај“, додаде Зеќири во „24 анализа“.

- Реклама -