Според лидерот на СДСМ – Зоран Заев, потпретседателот на партијата Мухамед Зекири, кој заедно со семејството е позитивен на коронавирус, се заразил на ифтарска вечера кај неговиот брат. Ова Заев го истакна на денешната партиска прес-конференција, зборувајќи за позитивните случаи во партијата (Зекири, но и Сања Лукаревска – директорка на УЈП и членка на ЦО на партијата), како и за членовите и функционерите кои поради контакт со нив се во самоизолација.
Зекири, пак, во изјава за „Слободен печат“, тврди дека не присуствувал на ниту една ифтарска вечера, вклучително и кај брат му. Сепак, признава дека заедно со своето семејство бил на гости кај него за Бајрам:
„Не сум бил на ниедна ифтарска вечера. Јас сум тој што повикуваше да се казнуваат тие што одат на такви собири. Ние само за Бајрам отидовме до кај брат ми за да ја види малата првпат после три месеци! Не сум мрднал од дома освен за неодложни обврски“, вели за „Слободен печат“.
Притоа потенцира дека ниту еднаш, па ни за Бајрам, не го прекршил полицискиот час, како и дека немал дозвола за движење во полициски час.
Зекири додаде и дека брат му и неговото семејство допрва ќе бидат тестирани.
„Ненамерната грешка на Заев“ Зекири ја поправи и на Фејсбук:
„Почитувани, заради ненамерната грешка на претседателот Зоран Заев на денешната прес-конфернција дека сум се заразил на ифтар кај брат ми, сакам само да ве информирам дека:
За целото времетраење на полицискиот час ниту сум имал дозвола за движење, ниту било кога сум прекршил некоја од мерките за забрана за движење!
За целото времетраење на месецот Рамазан сите ифтрски вечери ги имав дома, само со членовите на домаќинството – и без посети од никого.
Првото излегување ми беше на Бајрамскиот викенд и за празникот имав средба само со најтесното семејство. Тие лица ќе бидат допрва тестирани, така што до сега само ние сме потврдени позитивни на вирусот.
Јас самиот ја соопштив веста за заразата, со епидемиолозите е завршена цела анкета и здравствените власти си го прават своето. Со оглед на тоа има засегнати лица кои за разлика од мене не се јавни личности, ве молам за почитување на нивната приватност.
Со почит
Мухамед Зеќири“