„Здрава иднина“: Комисија не смее да одлучува кој ќе живее, а кој ќе чека операција

Во реакцијата, тие истакнуваат дека ваквиот пристап е во потполна спротивност со основните принципи на Европската повелба за правата на пациентите. Особено се нагласуваат правото на пристап до здравствена услуга, слободниот избор на лекар и установа, како и правото на информираност, навремен третман и квалитетна здравствена заштита.

Според нив, контролата и стручниот надзор се неопходни, но не смеат да прераснат во административна бариера која ќе ја одземе одлуката од пациентот, неговото семејство и лекарот кој го води лекувањето.

„Нашето искуство покажува дека ваков модел не е решение. Пред две децении постоеше слична комисија која често носеше субјективни, нетранспарентни и коруптивни одлуки. Наместо да го заштити пациентот, таа го ставаше неговото здравје под ризик. Многу пациенти не успеваа да ја дочекаат потребната согласност за операција, а тоа често резултираше со фатален исход. Во кардиоваскуларната медицина, времето е од суштинска важност. Секое дополнително чекање и секоја нова процедура можат да имаат сериозни последици“, велат од Здружението.

Кардиоваскуларните пациенти сметаат дека ваквата комисија нема да функционира ефективно.

„Таа ќе создаде дополнителни административни бариери во ситуации кога е потребна итна медицинска одлука. Ќе го ограничи правото на пациентот да избере лекар и установа во кои има доверба, а истовремено ќе ја намали одговорноста на конкретниот лекарски тим. Решението ќе пренесе одлуки на органи кои не носат директна клиничка одговорност, отворајќи простор за политички, институционални или лични влијанија. Ова може да ги казни успешните установи кои долго време доказуваат резултати, наместо системот да ги искористи нивните капацитети во интерес на пациентите. Оваа ситуација повторно ќе ја воведе практиката на чекање и неизвесност“, додаваат од „Здрава иднина“.

Прочитајте и:  Трамп за Нетанјаху: „Биби, мораме да го стопираме ова“, па го нарече луд за нападите врз Либан

Тие потсетуваат дека сличен модел постоел пред две децении и, според нив, бил знак на нетранспарентност и субјективни одлуки. Тогашниот систем, согласно искуството, доведуваше до доцнења во одобрувањето на операции, а многу пациенти не успеваа да ја дочекаат потребната интервенција.

Во реакцијата се истакнува дека состојбата денес е значително подобрена во споредба со минатото. Зголемен е бројот и квалитетот на кардиоваскуларните операции, намалени се листите на чекање, а пациентите добиваат можност за второ и трето мислење, како и избор помеѓу државни и приватни установи.

Тие бараат Министерството за здравство да воспостави транспарентен систем на стручна контрола со јасни критериуми и отчетност за пропустите, но без ограничување на правото на пациентите слободно да избираат каде и како ќе се лекуваат.

„Пациентот не смее да биде заложник на системот. Тој мора да биде во центарот на системот“, заклучуваат кардиоваскуларните пациенти, апелирајќи да не се воведуваат решенија кои, според нив, ќе го вратат здравството две децении назад.