„Зборувам брзо, пишувам брзо, се движам брзо, се заљубувам брзо“

Се будам. Отворам очи. Дишам длабоко. Подготвена сум за предизвиците и на денешниот ден.

Несогласување со непознати.

Средбата со пријателите.

Зворови, страдање, ликување.

Уривам мостови. Градам нови. Плачам. Се осмелувам…

Врескам, танцувам,гушкам, губам.

Сакам силно. Мразам длабоко.

Како мала многу сакав да лежам долго во кревет, а со годините тоа стана заборавен луксуз. Веќе станувам уште со будењето, што е можно побрзо. Ги мијам забите, се чешлам, облекувам, шминкам, појадувам-сето тоа се прави како во брза рамка. Излегувам да го чекам автобусот, со луѓе како мене. Сите нервозно пристапуваме од нога на нога, погледнуваме скришно во часовниците на секои три секунди и плачеме што автобусот доцни  ЦЕЛИ две минути. Автобусот пристигна. Воздишка на олеснување.  Ако возачот направи подолго застанување, повторно се започнува од почеток: нервозно тропкање, погледи кон часовниците, незадоволни лица … слегувам.  Продолжувам сама. Чекорам брзо. Влегувам во училиштето.  Нестрплива сум часот да започне. Имаме литература. Делото е „Робинзон Крусо”. Роман на патувањето. Хах !!! Што пак знае тој за патувањето? Лесно му е на Робинзон. Сам на напуштен остров. Нема календари, нема часовници, нема автобуски возни редови. Дваесет и осум години се насладува на животот. Слушам како една госпоѓа вели дека му било многу тешко, бидејќи требало одново да се изгради еден нов свет. Та зар нашиот е лесен за живеење? … Часот заврши. Повторно чекам автобус. Истите луѓе, истата сцена. Го потиснувам чувството на дежа ву, или пак како да гледам театар со кукли на конец. Но дали само гледам, или и јас учествувам во спектаклот, не размислувам. Додека патувам правам преглед на денот / животот.

1. Зборувам брзо. 2. Пишувам брзо. 3. Се движам брзо. 4. Јадам брзо. 5. Се осмелувам брзо. 6. Плачам брзо. 7. Се заљубувам брзо. 8. Се разделувам уште побрзо.

Се во мојот живот правам многу брзо, за да не изгубам од драгоцено време. Време што можам да го користам за пријатни работи како (?) … Немам време. Всушност сите брзаат. Не смеат да заостануваат со нивното темпо. Страв ми е дека токму брзајќи, сум испуштила сè … Вечер е, легнувам, но не заспивам. Започнав да читам нова книга.Насловот и е “11 минути”. Сигурно главната хероина е брза како мене. Час подоцна сфаќам дека всушност предметната девојка е Бразилка (Марија), чиј здодевен и униформен живот ја поттикнал да стане проститутка во Швајцарија. Одлуката и е предизвикана од монотонијата во родното гратче. Но паѓа во брз, материјален и безидеен свет. Марија сфаќа дека времето е растеглив поим дека „понекогаш животот е голем скржавец-човек што може да помине денови, недели, месеци, па дури и години, без да проживее нешто ново” … Дека брзаме и се стремиме кон своите цели, ние сме несреќни на патот кој изминал. Дека е лесно преминувањето на огромни територии за кратко време, но патувањето внатре во нас е далеку поважно и тешко. Но, еден ден таа “… ја слушна реченицата што требаше да ги промени целосно нејзините планови, нејзината иднината, претставата за нејзината среќа , женската нејзина душа, нејзиното место во светот. – Да почекаме малку! ” Оваа реченица е изречена од мажот кој што ја преобрати нејзината вселена и ја натера да увиди колку е важно таа да посвети поголемо внимание на сè околу себе: на боите, луѓето, звуците, разговорите. Марија сфатила дека брзањето и нетрпеливоста се погрешни, дека чекањето е сила. Дека за најважните работи во животот потребно е најдолго време, за да се случат. Дека „целата човечка мудрост се крие во овие два збора: Чекај!” Ја оставам книгата и размислувам за сопствениот живот. За Дваесет и осумте години на Крусо и Единаесетте минути на Марија. И тогаш решавам. Утре ќе направам нешто што не сум правела никогаш досега! Нема да правам ништо! Нема да станувам рано, туку ќе поспијам до подоцна. Нема да зјапам нетрпеливо во часовникот, туку ќе го набљудувам доаѓањето на новиот ден. Нема да брзам, туку ќе чекам. Ќе патувам, но без да се движам, издишувајќи полека. Ги затворам очите и заспивам … Автор: Елис Емин

Човешкият живот е едно пътуване

- Реклама -