ЗБОГУМ, НЕНАДЕ ЈОВАНОВИЌ

Мојот пријател Ненад Јовановиќ (по сопствена желба, пријател до денешниов ден), мене и Владимир Милчин нė нарече “националисти”, “конзервативци” и “десничари”.

Причината за тоа, барем таа јавно соопштена, е фактот што јас и Милчин сметаме дека Преспанскиот договор не го ограничува нашето право нашата земја да ја нарекуваме Македонија.

Ненад не можел да се помири со тоа и вели дека не сака да разговара со никој што одлучил нашата земја да ја нарекува поинаку освен “Република Северна Македонија”. Оти, така било “лево”, а ние демек сме стоеле “десно”.
Значи, Ненад веќе не сака да разговара и со Милчин и со мене. Тоа, претпоставувам, значи дека треба да го прекинеме и нашето пријателство на Фејсбук со него.
Во ред е, Ненаде. Пред да го притиснам копчето unfriend, како твој доскорешен пријател и промотор на твоите колумни, сакам да те научам нешто за тоа твое “лево”.

Мојата прва и последна политичка партија на која и припаѓав беше комунистичката. Полево, здравје. Како членови на СКМ/СКЈ и на социјалистичката младина, посебно го негувавме другарството во нашите редови. Во годините на мојата младост, тоа беше вистинско, искрено другарство, кое подразбираше и другарски кавги и другарска критика. Никој што себеси се сметаше за комунист (левичар, значи) не смееше ни на сон да помисли да ги навредува своите другари и соборци (особено не постарите), да им лепи етикети и да вели дека не сака да разговара со тие што мислат поинаку од него.
Ненаде, ти сепак не си ни левичар, ни либерал. Ти сепак си конзервативец и опортунист. Затоа не ми паѓа тешко одлуката веќе да не зборуваме, што ќе рече да не пријателуваме. Впрочем, мислам дека веќе си нашол другачиња и соговорници по мерка. Нека ти е со среќа!

- Реклама -