Првиот состанок често знае да биде проследен со непријатности и неславен крај, но кога ќе заврши на суд, дефинитивно е знак дека нема многу надеж за таа врска.
32-годишниот Кишор Нимнала завршил пред порота, откако се случило фијаско на првиот состанок со младата Султана, со која се запознале на сајтот за запознавање Zoosk. Тој бил обвинет дека и го украл телефонот, бидејќи таа одбила да плати половина од сметката.
Жената претпоставувала дека Нимнала ќе плати за вечерата и пијачките, па не понела пари. Од друга страна, тој бил прилично бесен кога таа одбила да ги плати своите 46 долари, па продолжил да инсистира за сето време, следејќи ја жената додека пешачела до железничката станица. Тогаш Султана го извадила телефонот, можеби со намера да повика полиција, а Нимнала, сосема губејќи го трпението, и го грабнал од раце и почнал да бега. Двајца полицајци веднаш се приклучиле на потерата и за кратко време го фатиле несреќниот Кишор.
На суд, Нимнала признал дека го земал телефонот без дозвола, но се бранел дека немал намера да го задржи, туку со цел да му биде вратена половина сума. „Вистинското прашање е, дали мојата одлука е нечесна, или пак праведна.“, додал тој.
На поротата и биле потребни само 53 минути за да го ослободи од сите обвиненија.