Вештачењето на телефонот кој ѝ беше одземен на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е завршено, а извештајот е доставен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, потврдуваат од Обвинителството.
Сепак, за да не се попречи истражната постапка, од Обвинителството не соопштуваат детали за содржината на извештајот, а ниту конкретна информација за бројот на лица кои во меѓувреме пријавиле и „континуирано во овие 7 дена“ се обраќаат до Обвинителството за случајот „Рекет“.
Од обвинителството, исто така, не знаат каде е Јанева, а не знаат ниту каде е нејзиниот втор телефон, за кој таа рекла дека го изгубила.
Претходно, во интервјуто во емисијата „Код“, обвинителката Вилма Рускоска – која е шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, потврди дека во снимките со кои располага Обвинителството „се гледа и се слуша“ дека во дел од разговорите меѓу рекетираниот (Орце Камчев) и рекетарот (Бојан Јовановски) се вклучувал и јавен обвинител, преку спикерфон.
Сепак, како што потврдуваат од Обвинителството и денес, досега Обвинителството не преземало дејствија за контактирање, лоцирање или следење на јавниот обвинител, односно тоа лице сè уште не е под истрага.