[
Завршија градежните работи на гасоводната делница Неготино-Кавадарци-Битола, во должина од 92 километари. На заварувањето на последната цевка за заокружување на изградбата денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на АД Национални енергетски ресусри (НЕР) Бајрам Реџепи очекуават на овој крак наредната година да се направи спојување со интерконекторот со Грција. Со учеството во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, посочи премиерот, се обезбедува закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени.
– Со завршувањето на работите на делницата Неготино – Битола, ја спојуваме целата делница од Куманово до Битола во должина од 188 километри. Се исполнува планот за реализација на големиот проект за гасификација на државата. Во изминатиот период, со посветена работа на сите вработени во Национални енергетски ресурси НЕР, успешно е завршена реализацијата на делниците Штип-Неготино во должина 36 километри и делницата Неготино- Кавадарци-Битола во должина 92 километри. Делницата Скопје-Тетово-Гостивар 76 километри и кракот Тетово од 10 километри, е во завршна фаза и се очекува наскоро да завршат градежните работи и таму, информираше премиерот.
Важно е, нагласи тој, тоа што изминатите години и во услови на пандемија, сега и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза, стратешките проекти за државата се реализираат. Тој додаде дека гасификацијата значи придобивка за граѓаните, за компаниите, за индустриските зони, а секако има големо влијание и врз заштита на животната средина. Ковачевски рече дека компаниите од овој регион, а и регионот на Прилеп и Битола сега можат да прават планови за користење на природниот гас во нивните производствени процеси и на тој начин да бидат поконкурентни од компаниите во регионот.
Премиерот најави дека во близина на оваа делница ќе се гради и планираниот интерконективен гасовод со Република Грција, од Неготино – до границата со Грција во должина од 67 километри. Очекува во текот на наредната година да започне и изградбата на овој интерконективен гасовод, а проектот е усогласен со националните цели и приоритети и е во согласност со политиките на Европската Унија. Ковачевски потенцираше дека со овој проект и со досега завршените делници, Република Северна Македонија ги исполнува условите да биде транзитна земја, но и да заработува од транзитот на природен гас.
– Веќе се работи на техничка документација на нови интерконективни гасоводи со Србија и со Косово, за што веќе добивме подршка од Енергетската Унија. Со овој проект добиваме пристап до природен гас од Азербејџан, односно од наоѓалиштето во Шах Денис и истиот ќе се користи и во Северна Македонија, а и во земјите од регионот. Диверзификацијата е најзначаен сегмент за обезбедувањето на енергетската сигурност на една држава, а ние токму тоа го правиме. Наместо, да бидеме зависни од еден извор на гас и секоја година да е неизвесно каква цена ќе добиеме и за која количина, ние обезбедуваме предвидливост за нашата економија. Сега ќе имаме пристап до природен гас од целиот свет, од сите држави кои го произведуваат. Во Грција работи еден терминал на течен природен гас на островот Ревитуса, а ние ќе бидеме еден од учесниците во изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи. Со тоа обезбедивме закуп на капацитет, што ќе ни овозможи стабилно снабдување на природен гас по конкурентни цени, изјави премиерот.
Тој потсети дека во употреба беше пуштен и гасоводот помеѓу Грција и Бугарија и оти на тој начин ни се отвара можноста и за складирање на одредена количина на природен гас и во Чилен во Република Бугарија.
– Сите овие чекори и политики на добрососедство што ги направивме во изминатите години, на крај ќе се ефектуираат во придобивки за граѓаните и македонската економија. Гасификацијата не само што ќе има влијание врз заштитата на животната средина, туку се очекува да влијае и врз падот на цената на енергенсите, како и на зголемување на конкурентноста на компаниите и на отворањето на нови работни места. Сите знаеме дека во тек е постапката за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас, очекувам во текот на првата половина од наредната година и тоа да се заврши и гасот да стане придобивка за сите. Сега можеме да градиме и гасни електрани за производство на електрична енергија, посебно во РЕК Битола, која треба да произведува и електрична енергија и топлина, имајќи предвид дека веќе во изградба е и топловодот кон Битола. Енергетската транзиција продолжува, инвестициите во обновливите извори на енергија се врвен приоритет на Владата, и тие веќе и во пракса се случуваат. Ја обезбедуваме потребната стабилност и баланс на енергетскиот систем. Со посветеност и напорна работа, нема недостижна цел, рече Ковачевски, честитајќи за успешната работа на сите субјекти вклучени во проектот.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски порача дека гасоводната мрежа е потреба, неопходност за сите домаќинства и компании да ги намалат сметките за електрична енергија.
– Затоа преземаме решителни мерки и сега повеќе од кога било е потребно да ја довршиме изградбата на гасоводната мрежа низ целата земја, со цел добивање на поефтин алтернативен енергенс. Вредноста на овој проект кој го поврзува централниот дел од државата со Пелагонискиот регион, изнесува преку 36 милиони евра и претставува еден од најзначајните капитални инвестиции во нашата држава. Оваа енергетска криза сите не натера побрзо да транзитираме кон други извори на енергија, веруваме дека со изградбата на гасоводот во државата значително ќе влијаеме врз намалување на трошоците на компаниите и граѓаните, рече министерот.
Тој информираше дека во соработка со Национални енергетски ресурси интензивно се работи и на завршување на кракот Скопје – Тетово – Гостивар и очекува следната година и оваа делница да биде завршена.
– Во Министерството за транспорт и врски веќе одржавме неколку јавни расправи и во однос на трасата на интерконекторот што ќе не поврзе со Република Грција. Во исто време се работи и на проектирање на делниците Гостивар – Кичево, Кичево – Охрид, како и на делницата Свети Николе – Велес, соопшти Бочварски.
Гасификацијата, нагалси, е капитален проект од суштинско значење за државата.
-За следната година со буџетот на Министерството предвидуваме 105 милиони денари. Се залагаме гасот да го донесеме поблиску до индустријата и до граѓаните и да ги искористиме предностите што ги нуди во однос на цената, во споредба со електричната енергија. Бенефитот од гасификацијата на државата ќе биде огромен за сите, како од аспект од заштеда на финансиски средства, така и за заштита на животната средина, особено кога водиме силна борба против аерозагадувањето. Министерството за транспорт и врски активно работи во реализација на капиталните проекти кои ќе донесат подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и развој на националната економија, нагласи Бочварски.
Бајрам Реџепи, извршен директор на акционерското друштво Национални енергетски ресурси, најави дека со потребните технички тестирања и испитувања, ќе се почне со постапката за добивање на употребната дозвола за новата гасоводна делница.
– Ги правиме сите напори, тоа да биде брзо и конечно наредната зима, целиот централен и Пелагониски регион, да имаат пристап и да можат следните години да користат природен гас, како еколошки, економски и едноставен енергенс за користење. На оваа делница ќе се приклучи и новиот интерконектор со Република Грција, кој треба да почне да се гради наредна година и заврши до крајот на 2024 год. Со тоа ние ќе им овозможиме на нашите снабдувачи и трговци да имаат повеќе извори за снабдување. Со тоа креираме и стабилност и диверзификација и поевтини извори за снабдување, значи ќе имаме директна конекција и до ТАП, и до ЛНГ терминалите во Грција. Се надевам дека и договорот за ЈПП, за изградба и оперирање на дистрибутивната мрежа за природен гас, ќе биде потпишан до пролет, и со тоа да се почне масовната изградба на дистрибутивната мрежа на 38 општини во државата, со што голем број на домаќинства, индустрии, итн. ќе имаат можност да користат природен гас, рече Реџепи.