Според првичните информации, неколку сообраќајници во градот се затворени поради паднати стебла од дрворедот. Неколку домови останале без кров, а во селото Бање, согласно изјавата на градоначалникот Влатко Грозданов, се пријавува пожар во една куќа.
Градоначалникот Грозданов е на терен со екипи од ТППЕ и ДПД Кочани. Тој апелира до граѓаните да останат смирени и да пријават штети во Центарот за управување со кризи или преку веб страницата на Општината.
Општината Чешиново-Облешево е без електрична енергија, како што информира градоначалникот Јорданчо Костадинов, поради искинати електрични кабли на регионалниот пат кој поминува низ Облешево. Сообраќајот на оваа делница е затворен поради безбедносни причини. Екипи на ЕВН работат на отстранување на проблемот.
Костадинов најави формирање на кризен штаб, кој ќе ја утврди состојбата утре, по што ќе бидат преземени соодветни мерки.
Краткотрајното невреме, проследено со силен ветер и дожд, кое за само 24 часа повторно ги зафати струмичко и радовишко, предизвика значителни оштетувања.
Според информациите од теренот, настрадаа голем број пластеници во струмичко, при што ветрот го искина заштитниот најлон. Регистрирани се неколку паднати дрвја, кабли и жици за пренос на електрична енергија, како и оштетени бандери и возила.
За време на невремето, општинскиот центар Босилово остана без струја, а градоначалникот Ристо Манчев истакна дека ЕВН прави напори да го нормализира снабдувањето со електрична енергија.
Во Радовиш, силниот ветер искршил дел од стар јавор, чија возраст е над 600 години, а на повеќе локации низ градот забележани се паднати дрвја и гранки.
Според информациите од ТППЕ Радовиш, мобилизирани се четири екипи со вкупно 13 пожарникари кои работат на отстранување на последиците од невремето.




