Запознајте го Тео Јансен и неговите кинетички миленичиња (видеа)

Цели 15 години, Тео Јансен од Холандија со сето срце е посветен на креирање на нови форми на живот. Неговата колекција „Strandbeest“ изгледа толку органска и жива, што од далечина набљудувачот би помислил дека се работи за огромни инсекти или предисториски мамутски скелети. Всушност, неговите „миленици“ се направени само од пластични цевки и леплива лента. Зачнати се во компјутер преку алгоритам, но немаат потреба од мотори, сензори ниту било каква друга технологија за да се движат. Се што им треба е силата на ветрот и влажниот песок на Холандскиот брег.

Theo_Jansen_Animaris_Umerus

Во неговата лабораторија во Ипенбург, Јансен ја студира историјата на биолошката еволуција, со цел да ги снабди следните генерации на неговите суштества со повеќе и поголеми капацитети. Неговиот сон е дека, еден ден, тие ќе научат да еволуираат без негова интервенција и ќе продолжат да живеат како секој друг организам, подложен на природните циклуси.

Уште на прв поглед, убавината на креатурите додека се движат по плажата е доказ дека работата на овој инженер, научник и уметник е нешто навистина посебно. И покрај тоа, тој повеќе од деценија е во сенка на неговите модерни колеги и напредокот во уметноста на роботиката.

JANSEN

Животот на милениците на Јансен започнува како компјутерска симулација,  во форма на вештачко интелигентни организми што се натпреваруваат во брзина. Јансен го студира најбрзото од нив и го реконструира во 3 димензии, со флексибилни цевки, најлонско платно и леплива лента. Оние што се поспособни за движење, ја донираат својата „ДНК“ (должината и позицијата на цевките што ги сочинуваат нивните подвижни делови) за следните „Standbeest“ генерации. Преку овој процес на хибридизација и Дарвинова еволуција, суштествата стануваат се поспособни за живот во својата околина, а некои од нив, со помош на примитивен бинарен мозок, дури носат и одлуки за да преживеат. „Animaris Sabulosa“, на пример, го закопува носот во песокот кога ќе детектира пресилен ветер. „Animaris Rhinozeros“, пак, е џин од 2 тона што може да биде придвижуван од еден човек – благодарение на иновативен систем од импулси базиран на компресиран воздух во пластични шишиња. Погледнете:

Во иднина, артистот очекува неговите креации да станат пософистицирани и анатомски да напредуваат: да развијат мускули, нервен систем и некаков вид на мозок што ќе им овозможи комплексни одлуки, до степен кога Јансен нема веќе да им биде потребен за да продолжат со еволуцијата.


Во следното видео ќе имате можност подобро да се запознаете со Јансен и да слушнете како размислува. Има многу што да се научи од овој човек.

- Реклама -