Започнува „Мобил Фестивал“ – фестивал за филмови снимени со мобилен телефон

Од денеска до 26 ноември во Скопје ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил Фестивал“.

film

Денес ќе бидат одржани неколку филмски работилници и проекции. Утре во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе се одржат проекции на детски анимирани филмови синхронизирани на македонски јазик „Големата авантура на Пим и Пом“ и „Детето Фантом“. На 24 и 25 ноември во Кинотека на Македонија ќе се случат и проекции на тинејџерските филмови „Созревањето на Ева Ван Енд“ и „Одење до Месечината“ придружени со филмски работилници чија заедничка цел е поттикнување и развој на кино културата кај младата публика.

Конкурсот за пријавување на филмови за шестото издание на „Мобил Фестивал“ завршува денеска, а од пристигнатите филмови, жирито во состав Валентино Скендеровски Бесфорт Имами Игор Ангелов, ќе ги изберат најдобрите филмови. Филмовите ќе бидат наградувани во категорија најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, најиновативен филм, најоригинална приказна најдобра идеја, најдобар филм во програмата Млади таленти и најдобра музика во филм во програмата Млади таленти.

Наградите ќе бидат доделени на завршната вечер која ќе се одржи во МКЦ, во кино Фросина, на 26 ноември.

„Мобил Фестивал“ е во организација на продуцентската куќа КТ ФИЛМ И МЕДИА, поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, и во соработка со Кинотека на Македонија, Факултетот за Аудио-визуелнии уметности-ЕСРА и Центарот за Креативен Развој.

- Реклама -