По првичното презакажување на почетокот на седницата за во 16 часот наместо во 12 часот, со задоцнување од повеќе од еден час, започна пленарната седница за уставните измени. Пратениците го изгласаа дневниот ред, на кој се наоѓаат и предлог-амандманите.
Досега неколкупати неофицијално беше најавено дека се обезбедени потребниот број гласови за двотретинско мнозинство, но претходно во изјава за „Вечер“ пратеничката Емилија Александрова од Независната пратеничка група вели дека сé уште не е сигурна нивната поддршка во оваа фаза на уставните измени:
„Сé уште размислуваме и ставот дали ќе гласаме дополнително ќе го изградиме, откако ќе видиме што е договорено со Беса. Барањата на Алијансата на Албанците беа технички и беа неспорни за нашата пратеничка група, но она што го бара Касами навистина се преголеми отстапки за нашите ставови. Во таква ситуација, уште не сме сигурни дали ќе дадеме поддршка во оваа фаза од уставните измени“.