Аргентинската полиција запленила скоро 400 килограми кокаин во просториите на руската Амбасада во аргентинската престолнина Буенос Аирес. Информацијата ја соопшти аргентинската министерка за безбедност – Патриција Булрих.
Уличната вредност на најдената дрога (389 килограми) се проценува на околу 50 милиони долари.
Како што објасни Булрих на конференцијата за новинарите, се работи за дрога на нарко-банда која се обидела да ја искористи дипломатската курирска служба на руската Амбасада за да ја прати дрогата во Европа.
Руската и аргентинската полиција ја започнале операцијата против наркотици откако рускиот амбасадор во Аргентина во декември 2016-та ја известил полицијата дека во амбасадата е најдена одредена количина дрога.
Во операцијата се уапсени пет осомничени. Двајца во Аргентина, од кои едниот е полицаец, и тројца во Русија, од кои едниот е дипломат, пренесува AFP.