Запечени пиперки полнети со сирење

Вака подготвените пиперки се одлично предјадење, но зошто да не ги послужите и како „главно“ на вашата трпеза.

Состојки:

4 црвени пиперки

200 г. фета сирење

1 јајце

50 г. кисела павлака

сол

бибер

4 лажици маслиново масло

Подготовка:

1. Загрејте ја плочата во рерната. Пиперките измијте ги и избришете, па ставете ги во тепсија  обложена со алуминиумска фолија. Печете ги додека не добијат темнобраон боја и додека не почнат да се создаваат меурчиња по нив. Повремено превртувајте ги. Потоа извадете ги од рерната, ставете ги во пластична кеса и оставете ги така 10 минути. Дури потоа внимателно излупете ги и исечете го горниот дел за да ги извадите семките.

2. Загрејте ја рерната на 180 степени. Сирењето ситно изгмечете го со вилушка. Додадете цело јајце и кисела павлака, па сето тоа промешајте го добро. Потоа додадете бибер по желба. Намачкајте масло на  тепсијата.

3. Наполнете ги пиперките со смесата и редете ги една покрај друга. Потоа посолете ги, побиберите и прелејте ги со маслиново масло. Се печат во рерна околу 40 минути.

Наздравје 🙂

- Реклама -