Западните амбасади во БиХ ги предупредија властите во Република Српска дека земјата ја водат кон ескалација на кризата

Бања Лука/Сараево, 11 декември 2021 ( МИА) – Амбасадите на највлијателните западни земји и на Европската унија во БиХ ноќеска издадоа заедничка изјава во која ги предупредуваат властите на Република Српска (РС) дека преземат потези што водат кон ескалација на политичката криза, а со која се загрозува стабилноста на целиот регион.

Претходно синоќа Парламентот на Република Српска ги поддржа предлозите на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, за повлекување на одобрението за државните закони за одбрана, индиректно оданочување и Високиот судски и обвинителски совет. Веднаш по чинот на изгласување на заклучоците на законодавците во Бања Лука со заедничка изјава реагираа амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и делегациијата на ЕУ во која се наведува дека тоа е неприфатлив процес што ги поткопа темелите на Дејтонскиот договор.

„Одлуката на Народното собрание на Република Српска да почне со подготовка на нацрт-закон за паралелни институции во РС е дополнителен чекор кон ескалација на кризата. Членовите на владејачката коалиција во РС мора да бидат свесни дека продолжувањето со движи по овој ќорсокак на оспорување на Дејтонскиот договор им штети на економските интереси на ентитетот, и се заканува на стабилноста на земјата и целиот регион и ја загрозува иднината на БиХ во ЕУ“, се наведува во соопштението.

Оттаму е посочено дека тоа само ќе ги зголеми тензиите во БиХ, кои освен што ќе го блокираат функционирањето на владините органи само ќе ги ограничи економските можности на кои граѓаните сметаат, ќе ги одврати инвестициите и ќе го одвлече фокусот од борбата против корупцијата.

Политичарите во РС, но и оние во Федерацијата БиХ, се поканети да го продолжат дијалогот и итно да најдат решение за актуелната криза.

Политичарите во БиХ се повикани и веднаш да престанат да ја користат запаливата реторика што води до поделби и да се вратат на работа со полн капацитет во државните институции и да ги решат тамошните наталожени проблеми за да се постигне договор за реформите кои се важен предуслов за продолжување на патот кон членството на државата во ЕУ.

- Реклама -