Најсилниот адут на „Порше“ во палетата електрифицирани возила е, се чини, „Тајкан“. Целосно електричниот автомобил е еден од ретките што може да се совпадне со перформансите на „Тесла“, а многумина го доживуваат како еден од најдобрите електромобили на пазарот денес.
На бранот на овие споредби, „Порше“ покрена нова иницијатива. Имено, понудата гласи: Сите сопственици на „Тесла модел С“ или кој било друг модел, кои сакаат да купат „Тајкан“ ќе бидат наградени од германската автокомпанија со бонус до 4.500 американски долари.
Според „Карс дајрект“, бонусот важи за сите модели, а износот зависи од специфичните критериуми и се движи од минимум 1.500 долари до спомнатиот максимум од 4.500 долари. Сѐ ова го нуди програмата „Добредојдовте во Порше“.
За потсетување, „Тајкан турбо С“ има 952 коњски сили, а до 96 км/ч стигнува за 2,3 секунди. Има и „Турбо ГТ“ понуда со 1.108 КС и пакетот „Вајсач“ заради поголеми брзини.