Законот за државјанство доби европско знаменце за да ја заобиколи Левица, целта е реален приказ на населението на претстојниот попис – велат од Владата

На денешната редовна седница, на предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата го утврди Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството. Дека законот денеска поминал на Влада и ќе оди со европско знаменце потврди и премиерот Зоран Заев, а Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои се иницијатори, потврдија дека европското знаменце е договорено за да се избегнат сите блокади.

На премиерот, пак, не му е јасно зошто Левица го блокира предлог-законот за државјанства. Според него, „една мала политичка партија“ тоа го прави „без разумно оправдување“ и без одговор, а со цел „да создаде меѓуетнички проблеми и нетрпеливост“.

„Законот е согласно декларациите за државјанство усвоени во ЕУ. Последните промени беа со кореспондентни табели – комплетно вградување на европските регулативи во нашето законодавство. Се прават пошироки критериумите за решавање на проблемот со државјанството“, рече Заев.

Тој посочи и дека се работи за буквално истиот текст поднесен од пратениците од Алијанса за Албанците / Алтернатива, како и дека договорот е, иако тие се иницијатори, да го пушти Владата.

Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, за „Алсат“ изјави дека очекуваат законот да биде предложен што поскоро и можеби да се најде на седница веќе на 15 јули.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

„Очекуваме што е можно побрзо да го предложиме и да го донесеме законот во Собранието бидејќи се договоривме со европското знаме да ги избегнеме сите блокади. Очекуваме дека на следната 46 седница на 15 јули законот да биде во Собранието и евентуално да биде дел од дневниот ред на закажаната седница“, рече тој, пренесува „Алсат“.

Порталот потсетува и дека европското знаменце законот го доби откако претрпе неколкунеделни блокади од Левица, но и по заканите на албанската опозиција дека во случај повторно да заглави, тие одново ќе почнат со целосна блокада на Собранието.

Од Владата велат дека основна цел на предлог-законот е „дорегулација на одредени прашања кои во досегашната имплементација на Законот за државјанството се наметнаа како реални, за кои државата треба да изнајде законско решение со кое во претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика, според единиците кои се опфаќаат, реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата“.

„Во предложените законски измени и дополнувања се вградени одредби од регулативата на ЕУ и од тие причини Владата до Собранието ќе го достави со европско знаменце“, додаваат тие.

- Реклама -