„Македонците се соучесници во уништувањето на мојата земја. Затоа на денешниот ден се здруживме со нашите истомисленици и со политичка партија за да ги минираме следните локации во Скопје“, вака гласи почетокот на текстот во заканувачките мејлови за поставени бомби кои денеска предизвикаа досега најголем хаос во државата, со оглед дека, покрај училишта, таргет беше и меѓународниот аеродром во Скопје, но и хотелот „Александар Палас“ непосредно пред почетокот на конференција на која требаше да учествуваат премиерот Димитар Ковачевски, како и министрите за економија и финансии – Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.
Набројувајќи ги локациите, во содржината на писмото што утринава е испратено на електронската адреса на скопскиот аеродром, која ја објави „Макфакс“ а се споделува и на социјалните мрежи, е наведено дека се поставени вкупно 18 бомби.
„… и тоа со 8 бомби на Меѓународниот аеродром Скопје, 5 бомби во Националната арена Тоше Проески, една бомба во зградата на ФФМ, една бомба во ТЦ Ист гејт, две бомби во хотелот Мериот и една бомба во хотелот Сенигалија“, пишува во текстот.
Според дојавувачот, „бомбите се активираат и ќе експлодираат на сеизмичен покрет“, што и да значи тоа.
Во последниот пасус од заканата, дојавувачот бара повлекување на санкциите, што алудира на Русија. Во спротивно, се вели, крајот не изгледа добро и ова ќе се случува секој ден.
„Можеме ова да го правиме секој ден, го сакате ли ова? Бидејќи крајот не изгледа добро за вас и вашите деца, граѓани, луѓе. Или можете да решите, конечно, да ја направите вистинската одлука. Суспендирајте ги санкциите, е*ани гомна“, стои во пораката.
Прочитајте како изгледа денешниот меил од “бомбашите”.
За малку појасни да бидат работите… pic.twitter.com/rGWv2DpUHp— Зналац (@thewhistle41) December 16, 2022
По денешните дојави, премиерот Димитар Ковачевски и министерот Оливер Спасовски изјавија дека сега се уште поосновани претпоставките дека се работи за хибридна војна во контекст на руската инвазија. А ако одиме по логиката дека целта на дојавите е да се предизвика што поголем хаос и поделби, паѓа во очи почетната реченица од заканата, каде се спомнува наводна здруженост со истомисленици и политичка партија од земјава. Познавајќи ја политичката култура во земјава, каде политичките актери редовно се препукуваат со тешки меѓусебни обвинувања и за многу помали работи, овој „мал детал“ може многу лесно да ја постигне својата улога. Во контекст на претстојните напори за уставни измени и претходните обвинувања кон опозицијата дека е поврзана со Русија, оваа реченица во заканата може да ѝ даде дополнителна муниција на власта, на пример за дефокус и задушување и на легитимните критики од другата страна. Претстојниот период ќе покаже дали партиите ќе го искористат овој „запалив материјал“ и ќе им помогнат на дојавувачите допринесувајќи во хаосот кој и онака го имаме во изобилство.
Уште пострашно, меѓутоа, е ако наведената реченица не е само за потпала, туку е и вистинита – тоа значи дека дојавувачите имаат поддршка во самата држава, односно дека се меѓу нас. А друштво со „луѓе“ кои немаат проблем секојдневно да трауматизираат средношколци и дечиња во основни училишта во комплет со нивните родители и потесни и пошироки семејства… не е друштво во кое е добро да се биде.