Заканите до Селмани не стивнуваат: „Ќе ви го запалиме целото семејство“

Новинарот и претседател на ЗНМ – Насер Селмани, денеска даваше исказ во Обвинителството во врска со случајот со Бејтула Асани, братот на функционерот на ДУИ – Бекир Асани, пренесува Макфакс.

Во изјавата за медиумите, тој раскажа дека додека бил на службен пат, непознати лица се јавувале кај негови роднини и им се заканувале дека ќе му го запалат целото семејство. Селмани зборуваше и за провокациите што му ги приредуваат на секој чекор, а кои, според него, ако тој не реагирал присебно и смирено, можеле да завршат со негова смрт.

И покрај тоа, претседателот на ЗНМ уште еднаш ги повика новинарите да не се плашат и да ги пријавуваат заканите, а институциите да ги расветлат сите случаите. „Само така ќе запре ова“, рече Селмани.

Бранот заканувачки пораки до Селмани почна кога тој јавно напиша дека правната држава клекна пред еден силеџија, алудирајќи на инцидентот со Беќир Асани во кој беше повредена полициска службеничка додека се обидувала да му напише казна за непрописно паркирање.

- Реклама -