Денеска, непосредно пред Бојан Јовановски да дојде во скопското Обвинителство за да даде исказ и да поднесе кривични пријави против, како што пренесе „Телма“, десетици функционери, политичари, државни службеници, но и болнички менаџери и бизнисмени, неговиот адвокат Сашо Дуковски добил телефонски повик од непознат број, тврди тој за „МКД.мк“.
„Кажи му на тој денес кога ќе оди во обвинителство да не зборува, зошто ќе го убиеме“, му рекол непознатиот машки глас, тврди адвокатот, кој на прашањето кој се јавува, добил само повторување на заканата: „Ти рековме да не прашуваш многу туку само да му пренесеш на п*дерот дека ако збори ќе го убиеме“.
Дуковски вели дека случајот веднаш го пријавил во полиција. Претходно, во изјава за „Република“, Дуковски откри дека повикот се случил околу 10:50 часот, како и дека човекот „зборувал чудно“.
Како што пренесе „360 степени“, Бојан Јовановски – Боки 13 денеска не успеал да ги поднесе сите планирани кривични пријави, но записникот останал отворен, па поднесувањето ќе продолжи наредната недела на 3 јули.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во меѓувреме, на вонредна прес-конференција, прашаа кој тоа му се заканувал на Боки 13 и зошто продолжението на исказот е закажано дури за 3 јули:
„Кој му се заканува на Сашо Дукоски, адвокатот на Боки 13, додека истиот дава исказ пред Јавен обвинител, откако пред само неколку дена на суд рече дека парите од рекетот завршиле кај Зоран и Вице Заев?!
Кој се плаши од исказот на Боки 13 и неговата содржина?! За преку телефон додека истиот е на суд со неговиот адвокат пред Јавен обвинител да ѕвони од непознат број и со мутиран глас да се закани на адвокатот со зборовите – Ќе те убиеме и тебе и Боки, пазете што зборите!
Настанот како што пишуваат медиумите се случил пред Јавен обвинител и истиот е документиран и е влезен во записник, но и во кривична пријава“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски.
Тој порача дека ова е директна закана за убиство и кривично дело, и ги повика институциите веднаш да реагираат.
„Го повикуваме ЈО веднаш да постапи согласно своите надлежности и да ги открие заканувачите.
Зошто и покрај ваквите закани по неговиот живот и животот на неговиот адвокат продолжувањето на исказот на Боки 13 е закажан за 03.07.2020 година, а не во разумен рок?
Зошто се остава толкав простор помеѓу првиот и вториот исказ и дали со тоа не се остава простор за можно влијание врз Боки 13 и неговиот втор исказ?!“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Животот на Боки 13, единствениот човек кој што беше главен извршител во случајот Рекет, кој само пред неколку дена од суд кажа каде завршиле парите од истиот тој рекет е загрозен, а со тоа се загрозува и целата постапка, но и е ставена во опасност вистината.
Ова е грдата слика за мафијашкото милје во Република Македонија на чие чело се наоѓа врхушката на власт.
На криминалот мора да му се стави крај.
СДСМ покажа дека можат единствено повеќе со криминал, можат повеќе корупција и можат само порази. Да ставиме крај на виткањето на кичма. Исправи се Македонија! Одбери обнова!“, додаде Стоилковски.