Захариева: Со признавањето на „бугарското малцинство“ во Албанија се исправи долгогодишна историска неправда

„Бугарија ќе го даде најдоброто од себе за да ја поддржи Албанија на нејзиниот пат кон Европската унија. Во оваа фаза ние продолжуваме да веруваме дека би било грешка Албанија и Република Северна Македонија да бидат одвоени во процесот на преговори. Албанија направи сериозни чекори на полето на реформите“, истакна бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на средбата со нејзиниот албански колега Гент Цакај, кој е во посета на Софија.

Евроинтеграција на Албанија и можностите за зајакнување на билатералната соработка во областа на поврзаноста, економијата и туризмот, биле клучни теми во разговорите, пренесува бугарското МНР. Притоа, Цакај ѝ се заблагодарил на Захариева за континуираната поддршка од Бугарија на патот кон ЕУ и на заложбите и улогата на оваа земја за враќање на Западниот Балкан на европската агенда.

Захариева, пак, ги пофалила напорите на Албанија во последните години за спроведување на реформите, но и му се заблагодарила на Цакај за тоа што со усвојувањето на Законот за заштита на националните малцинства во 2017 година Албанија го признала „бугарското малцинство“. Со таквиот чекор, истакнала бугарската шефица на дипломатијата, се ставил крај на „долгогодишната историска неправда“.

Притоа, Захариева изразила надеж дека албанската влада ќе донесе и секундарно законодавство за националните малцинства:

„Она што е многу важно за Бугарија е правото на пристап до изучување на мајчиниот јазик на Бугарите во Албанија. Подготвени сме да го поддржиме овој процес со материјали и наставници“, порачала таа на средбата.

Исто така, истакнала дека Бугарија обезбедува видлива поддршка за граѓаните и институциите во Албанија и преку својата пограма за Официјална помош за развој (ОПР).

„Во Албанија, во област населена главно со етнички Бугари, се спроведува најголемиот проект под бугарската ОПР – изградба на асфалтен пат помеѓу градот Билиш и селото Варник во вредност од 1.125.561 лева“, истакнала министерката за надворешни работи на Бугарија.

Цакај, пак, ја истакнал важноста што Албанија ѝ ја придава на бугарската заедница во земјата:

„Бугарското етничко малцинство во Албанија служи како ценет мост меѓу двата народа“, порачал тој, според бугарското МНР.

На средбата, Захариева и Цакај едногласно заклучиле дека нема отворени прашања меѓу двете земји и дека Бугарија и Албанија даваат добар пример за добрососедство во регионот:

„Ние сме добар пример. Меѓу нашите две земји, иако немаме заедничка граница, нема отворени прашања и имаме многу пријателство“, истакнала Захариева, при што Цакај ѝ се заблагодарил што Бугарија била меѓу првите што ѝ помогна на Албанија во екот на пандемијата на коронавирусот, но и по земјотресот во декември.

 

- Реклама -