„Ги повикувам подобро да го прочитаат Членот 2 од Договорот, тој се почитува од страна на Бугарија. Во него се вели дека Бугарија ќе ја потпомага РС Македонија на евроатлантскиот пат споделувајќи го своето искуство, но тоа не значи дека не можеме да имаме услови. Тврдењето дека само Бугарија има претензии кон Македонија за исполнување на критериумите не е сосема вистинито“, истакна денеска министерката за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, како одговор на изјавата на македонскиот вицепремиер за европски прашања – Никола Димитров, дека со блокадата на преговарачката рамка Бугарија го прекршува посочениот член и со тоа Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година.
Пред пристигнувањето на премиерот Зоран Заев и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија на средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, Захариева посочи дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот, која, како што рече, немала состанок повеќе од година и пол, а се натрупале доста прашања. Притоа, Захариева истакна дека забелешките на Бугарија не се однесуваат само на историјата:
„Имаме забелешки не само во однос на историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Сите што патуваат гледаат каква е состојбата на поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка во областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Единствено во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата на коронавирус. Но, тој напредок воопшто не е доволен“, рече Захариева, пренесува БГНЕС.
Таа уште еднаш ги повика македонските власти да се обидат да го исполнуваат Договорот со добра волја.
„Бугарија е исклучително категорична. Сакаме да видиме во преговарачката рамка дека Договорот ќе се спроведе, дека РС Македонија немаат претензии за малцинства. Над 15.000 сигурно веќе достигна бројот на статии со антибугарска реторика. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не може да сме сојузници во НАТО, а бугарските војници да бидат нарекувани фашистички окупатори“, рече шефицата на бугарската дипломатија.