Захариева – Димитров: Историчарите да побрзаат со одлуките за важните прашања, но и за учебниците

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева, денеска во Софија го пречека министерот за надворешни работи – Никола Димитров. Двајцата се сретнаа и разговараа на маргините на Самитот на министри за надворешни работи од земјите членки на Организацијата за црноморска и економска соработка (ака. Црноморска иницијатива, ОЦЕС) во Софија, со која завршува и бугарското претседателство со Организацијата, соопштија од бугарското МНР.

Како што се вели во соопштението, двајцата министри разговарале за европската интеграција на Република Северна Македонија, во контекст на очекувањата дека Скопје и Тирана ќе добијат одлука за почеток на преговорите за членство во Унијата во октомври.

Бугарија го поддржува стремежот на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, но строго ќе го следи спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка во текот на целиот преговарачки процес на земјава со Унијата, стои во соопштението.

Захариева и Димитров разговарале и за резултатите од првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, основана врз основа на чл. 12 од Договорот за пријателство, како и за претстојниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, закажан за во септември. И двајцата ја потврдиле потребата историчарите од двете страни на Комисијата да ја забрзаат својата работа и до крајот на годината да донесат одлуки за важните теми од заедничката историја, вклучувајќи ја и содржината на учебниците, се вели во соопштението од бугарското МНР, пренесуваат бугарските медиуми.

- Реклама -