Бугарија треба да продолжи со смиреноста и да не влегува во фаза на гнев, порача бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, денеска пред пратениците во Народното собрание на Бугарија.
„Ние ја разјаснивме и продолжуваме да ја разјаснуваме нашата позиција за причината за неможноста на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка. Продолжуваме да водиме преговори, зашто ние сме соседни држави и мислам дека од страна на бугарскиот народ има исклучително пријателски чувства кон граѓаните од другата страна на границата и се надевам дека тие ќе продолжат и покрај одвратната кампања на омраза од другата страна“, рече таа.
Захариева потсети дека прашањето на проширување на ЕУ, односно интеграцијата на Западен Балкан, Бугарија го вратила на маса како најголем приоритет на Унијата.
„Ние ќе продолжиме да бидеме добронамерни, но мислам дека тоа што треба да се случи е страстите од другата страна на границата да се смират и да започнеме преговори, зашто ние не ги запревме преговорите на различни нивоа. Се надевам дека, со смирување на страстите, ако се смират – тоа зависи од нив, и со рационален пристап, ќе започнеме да зборуваме за тоа што ќе направи Владата на Република Северна Македонија за да започне да го исполнува Договорот, да го запре говорот на омраза и да се однесува како вистински кандидат за членка на ЕУ. Така што, ги повикувам и колегите во Скопје – помалку емоции, а повеќе прагматизам и враќање кон исполнување на билатералните договори“, порача Захариева.