Всушност, пред неколку месеци се појави турата за обиколка на уличната уметност низ Загреб, Хрватска. Турата, меѓу другото вклучува и обиколка на Медика, каде се некои од најдобрите дела на оваа тема. Имено, во Медика се сместени дузина ателјеа на уметници, повеќето од помладата генерација, и на надворешните ѕидови се наоѓаат бројни различни уметнички дела. Меѓу нив е и големиот нуркач, насликан на целиот ѕид, дел од маската на нуркачот е цевката аспиратор која излегува од зградата.
Пред некој ден таму осамна бело платно врз кое со црвени букви е напишано “No Street Art Tour$”, со тоа што задната буква „S” е претворена во знакот на долар. Фотографијата на оваа интервенција ја објави академски сликар кој работи и се потпишува под уличното име „Лонец“ и со дополна на потписот „ако се занимавате со турите на уличната уметност, правете го тоа бесплатно, бидејќи повеќето од нас ѕидовите ги насликавме бесплатно“.
Меѓу организаторите на оваа прва „street art ” тура, како што ја нарекуваат во Загреб е Ведран Кнежевиќ. Забележително е сè поголемото присуство на странци во градот, а Кнежевиќ и соработниците нудат повеќе тури кои се чекор понапред во однос на класичните обиколки на градот, со вклучени: „дегустација на чварки, лук и ракија (Zagrebee tour), со ручек, каде се јадат штрукли и се пие домашно пиво (Taste Zagreb), со посета на Сљеме каде се јаде грав (Bears’n’Beans), до спомнатата „street art“ тура на која можат да се обидат туристите и самите да цртаат графити“.
„Турите се одржуваат три пати неделно. Заинтересираните се обично од помладата генерација и има доста странци. Во почетокот цената беше 15 евра, сега е само една куна, за да ја привлечеме публиката. Во овие 15 евра беа вклучени и сувенирот и обидот самите посетители да се пробаат колку ги бива за уличната уметност“, вели Кнежевиќ.
Хрватските улични уметници објаснуваат дека сакаат да работат надвор бидејќи на улица се губи стерилноста на ателјето, условите не можат да се контролираат (атмосферските услови или минувачите), а битна е свесноста за минливоста на овие дела. Секако дека спостои ризик да бидат пречкртани, но најбитно е што на овој начин уметниците директно им се обраќаат на луѓето, заобиколувајќи ги галериите и аукциските куќи со што тие стануваат претходница на демократизацијата помеѓу уметноста и публиката.
За потсетување, и Обама својата кампања ја имаше визуализирано во еден дел со речникот на уличната уметност, Google го има покренато „street art“ архивот, а неодамна во Бразил осамна најголемиот графит во светот, од три илјади метри квадратни, насликан од страна на Едуардо Кобра по повод Олимпијадата во Рио…
Следи галерија (Загребска улична уметност)