Загинати најмалку 24 лица во експлозија на железничка станица во Пакистан

Ројтерс пренесува дека во изјава што ја добиле преку електронска пошта, Ослободителната војска на Балучистан, сепаратистичка милитантна група, ја преземала одговорноста за нападот

Пакистанските безбедносни службеници го испитуваат местото на експлозијата на железничката станица во Кета / ФОТО: EPA-EFE/SAMI KHAN

Најмалку 24 лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени во експлозија на бомба на железничка станица во Кета во провинцијата Балучистан во југозападен Пакистан, пренесува Ројтерс повикувајќи се на информации од полицијата.

„Досега загинаа 24 лица, а бројот на жртви може да биде поголем. Работиме на утврдување на природата на експлозијата“,

соопшти полицијата.

Службите за итни случаи брзо реагирале и ги пренеле повредените во болницата во Кета, каде била прогласена итна состојба за справување со приливот на повредени, вклучувајќи жени и деца.

Портпаролот на регионалната болница во Кета изјави дека се примени 46 повредени лица.

Експлозијата се случила околу 8:45 часот по локално време на централната станица Кета, главниот град на Балучистан, на границата со Авганистан и Иран, додека патниците го чекале возот за Пешавар.

Според генералниот инспектор на полицијата за Белуџистан, Музам Јах Ансари, целта била армиски персонал од Пешадиската школа. Тој вели дека многу од повредените се во критична состојба.

Главниот министер на Белуџистан, Сарфраз Бугти, го осуди нападот како ужасен чин против цивилите и нареди итна истрага, додека полицијата ја обезбедуваа областа за дополнително испитување.

Ројтерс пренесува дека во изјава што ја добиле преку електронска пошта, Ослободителната војска на Балучистан (БЛА), сепаратистичка милитантна група, ја преземала одговорноста за нападот.

Високиот началник на полициските операции, Мухамед Балоч, вели дека експлозијата изгледала како да е од бомбаш-самоубиец и дека истрагата е во тек.

„Експлозијата се случи внатре во железничката станица кога експресниот воз кон Пешавар требаше да тргне кон својата дестинација“,

рече Балоч.

Инаку, како што пишува Ројтерс, Ослободителната војска на Балучистан бара независност за Белуџистан, провинција со околу 15 милиони жители која граничи со Авганистан на север и со Иран на запад. Ослободителната војска на Балучистан е најголемата од неколкуте етнички бунтовнички групи што се борат со владата, велејќи дека неправедно ги искористува богатите гасни и минерални ресурси во покраината.

- Реклама -