Загадувањето на воздухот во детството е директно поврзано со здравјето на белите дробови во зрелоста

Загадувањето на воздухот што се вдишува во детството е еден од факторите кои влијаат на здравјето на белите дробови во зрелоста, покажува новото истражување.

Потеклото на студијата датира од 1992 година кога истражувачите почнаа да ги испитуваат ефектите од загадувањето на воздухот врз групи деца во Калифорнија. Некои од овие деца сега се во четириесеттите години.

Д-р Ерика Гарсија и колегите од Универзитетот во Јужна Калифорнија решија да видат како се развиваат овие деца. Повеќе од 1.300 луѓе пополнија детални прашалници за нивниот приход, начин на живот (вклучувајќи пушење), домови и здравје. Наодите биле споредени со нивната здравствена состојба во детството и локалното загадување на воздухот кога растеле, пишува „Гардијан“.

Првиот заклучок беше дека луѓето со поголема изложеност на загадување со честички и азот диоксид во детството имале поголема веројатност да развијат бронхијални симптоми како возрасни. Оваа врска беше најсилна кај оние кои развиле астма и проблеми со белите дробови како деца, што значи дека овие луѓе имале ранливост што продолжила и во зрелоста.

Друго откритие беше неочекувано: постоеше врска помеѓу загадувањето на воздухот во детството и бронхијалните симптоми во зрелоста кај луѓето кои немале проблеми со белите дробови како деца.

Ова сугерира дека штетата од загадениот воздух во детството можеби нема да се манифестира до зрелоста.

Прочитајте и:  Три најздрави намирници за мозокот, според лекарите

За да се направи разлика помеѓу долгорочните ефекти од изложеноста во детството и ефектите од воздухот што го дишеме како возрасни, истражувачите ја разгледаа неодамнешната изложеност на секој човек на загаден воздух и го зедоа тоа предвид во анализата.

– Сакавме да видиме дали изложеноста во детството сè уште е поврзана со бронхијални симптоми во зрелоста, дури и по контролата на моменталната изложеност, и беше. Ова ја нагласува важноста од намалување на изложеноста на загадениот воздух за сите, вклучително и децата кои се во период на зголемена ранливост на ефектите од загадувањето на воздухот – предупреди Гарсија.

Една неодамнешна студија покажа дека речиси 2.000 деца под пет години умираат секој ден поради загадениот воздух. Повеќе од 8 милиони смртни случаи, на деца и возрасни, се предизвикани од загадениот воздух во 2021 година, според студијата на Институтот за здравствени ефекти (HEI).

Загадувањето на воздухот сега е вториот најголем убиец на глобално ниво, надминувајќи ја употребата на тутун, додека високиот крвен притисок е на прво место. Кај децата на возраст под пет години, загадениот воздух е втор најголем ризик фактор за смртност, по неухранетоста.

- Реклама -