Загадувањето во 2015-та Македонија го платила со 1.469 години човечки живот

Фото: СДК.мк

Како што објави вчера Euronews, информација која денес ја пренесоа многу од македонските медиуми, Македонија е рангирана како најзагадената земја во Европа, со ниво на загадување 10 пати над препорачаните нивоа.

„Густиот сообраќај и употребата на печки за греење предизвикуваат раст на загадувањето на воздухот и праќаат сè повеќе луѓе да бараат лекарска помош“, пишува Euronews.

Меѓутоа, информацијата е базирана врз податоци од извештајот на Европската агенција за животна средина за периодот 2015-2016 година, истакнува заменикот-министерот за животна средина – Јани Макрадули, за Дојче Веле:

„Се работи за податоци од стар извештај. Во меѓувреме има намалување на загадувањето според нашите мерни станици, а тоа намалување се должи на зголеменото чистење и зачестените инспекции“.

И Euronews исто така истакнува дека актуелната влада поставила амбициозни цели за подобрување на квалитетот на воздухот за 50% за само две години.

Меѓутоа, ниту бајатоста на извештајот, ниту амбициозните мерки на владата, не значат дека Македонија не е и денес најзагадената во Европа, или барем меѓу најзагадените. Но да се задржиме на фактите, тие за 2015 – 2016 година:

Во извештајот на Европската агенција за животна средина, констатирано е дека, како резултат на загадувањето со ПМ2.5 честици, Македонија (заедно со Косово, Србија, Бугарија и Унгарија) има највисока стапка на смртност на европско ниво – 28.7 на 100.000 граѓани. За споредба, во членките на ЕУ стапката е 13.9. Со оглед дека ефектите од загадувањето го скратуваат животот, проценките на ЕУ се дека Македонија загаденоста во 2015-та ја платила со 1.469 години човечки живот, пренесува Дојче Веле.

- Реклама -