„Во делот на пресметките видовме дека сѐ уште има простор за склучување договори, правење нарачки или аванси (такви се модалитетите кога нарачуваме од вакцините), а во обид да кажеме дека еве сите можни вакцини сме направиле напори да ги набавиме, па која стигне порано и побрзо тоа уште подобро. Затоа, дадов насоки министерот за здравство, согласно стручните експерти кои утврдија дека имаме можност уште за 100 илјади вакцини, веднаш да направат набавка и од таа вакцина што ја немаме, тоа е Спутник“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за набавката на руската вакцина која ја најави откако претходно предизвика реакции во јавноста со неговата изјава дека „Спутник В“ не била порачана затоа што се внимавало да не се расфрлаат парите на граѓаните и да се набават поголеми количини вакцини од потребите.
По дадените насоки, надлежните веднаш стапиле во разговори за набавка на руската вакцина, вели Заев, кој му заблагодари на руските амбасадор во земјава за помошта и асистирањето што поскоро да се завршат формалностите и земјава да има од сите вакцини.
„Велам сите затоа што преку Ковакс механизмот се и Модерна, АстраЗенека, Фајзер веќе имаме, од Кина имаме нарачано. Така да, да знаат граѓаните дека буквално од сите производители на вакцини, преку соодветните земји или компании или фондови или кои и да се овластените преговарачи, склучуваме договори, сѐ со конечна цел час поскоро да има доволни количини вакцини во државата“, додаде Заев.
Тој останува на очекувањето дека кинеските вакцини треба да пристигнат до крајот на февруари. Според премиерот, отккао помина кинеската Нова година (на крајот на минатата недела), засилена е динамиката, а вчера и тој, како и министерот за надворешни работи, испратиле писмо преку кинеската амбасада овде и нашата амбасада во Кина, за да се забрзаат процесите.
„Знам дека бараа конкретен датум за утовар, тоа е во текот на оваа недела, верувам дека до крајот на оваа седмица, т.е. до крајот на февруари ќе стигнат кинеските вакцини“, рече Заев.
Кога ќе пристигне руската вакцина, ќе се знае штом ќе се склучат потребните преддоговори и договори, кога ќе може да се проектира датум, додаде премиерот.