„Иако ги дадов сите одговори, ќе се повторам за да биде почисто. Реков дека важен влезен елемент за донесувањето на мојата одлука ќе биде истрагата во делот на причините на настанувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово. И ние денеска тие причини ги имаме. Вториот дел, секоја човечка одговорност, секоја субјективна одговорност внатре, е право на истрага на други органи што не е ни премиерот, ни Владата, ни Парламентот, тоа се Јавното обвинителство и судот. Тие ќе одлучат дали има некоја човечка, индивидуална, субјективна или каква било одговорност и тие процесите ќе ги процесуираат“, изјави денеска премиерот Зоран Заев по прес-конференцијата во Владата, одговарајќи на новинарско прашање околу оставките на министерот и заменик-министерот за здравство – Венко Филипче и Илир Хасани.
Заев подвлече дека било важно граѓаните да ги знаат причините за настанувањето на пожарот и соодветно на тоа го добијат и одговорот. Тој е категоричен дека никого не амнестирал, ниту пак, рече, нема намера некого да амнестира.
„За да амнестирате некој прво треба да биде виновен, односно да има покренато постапка за негово сомневање, обвинение или докажана вина или слично. А се работи за етички осврт, морален осврт на министерот и на заменик-министерот, луѓе кои со својот професионален и личен ангажман многу дадоа во целиот наш здравствен систем, посебно во поглед на пандемијата со Ковид-19. А и тоа како ни се потребни во периодот што престои пред нас“, порача премиерот.
Иако нема масовно полнење на болниците и бројките се одржуваат на одредено плато – и тоа е добро, сепак пандемијата опстојува насекаде во светот и важно е капацитетите на државата да се максимално ставени во функција, додаде тој.
Во однос на оставките на директорот и економскиот директор на тетовската болница, Заев повтори дека новите директори ќе бидат поставени по завршувањето на изборите, бидејќи Изборниот законик, според него, забранува да се именуваат личности во време на избори.