„Ние сите сакаме дома да имаме вакцини, но тие се околностите. Јас имав непријатно чувство оти наши сограѓани патуваа во Србија по вакцини, но не смееме да кажеме дека државата не направила ништо. Напротив, државата направи сѐ и во тоа сме сигурни. Тргнавме преку десетици компании, преку безбедносни служби со кои имаме реална соработка, сите да направат сѐ што можат. Не сакам да нѐ обвинуваат дека ништо не правиме. Вакцината е индивидуална одговорност, секој сноси одговорност за себе и може да одлучи каде сака да се вакцинира“, изјави премиерот Зоран Заев во денешното гостување во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.
Тој посочи дека не смее да се минимизира чинот на Србија за подадената пријателска рака, па затоа и владата бара начин како да им се оддолжи на српските граѓани.
„Никако не можеме да го минимизираме чинот на солидарност, на хуманост од страна на Србија. Тоа што го добивме во моментот од Србија како донација ни е доволно за периодов. Зборував со Израел, со Британија, Франција, значи речиси нема каде не сме се обратиле, но ете нашиот сосед ни излезе во пресрет. Не можете да се раздолжите кон ваков чин пријателство. Се размислува летово на возилата со српски регистрации да им поделиме картички за патарини за да не плаќаат, да се оддолжиме некако, иако тоа нема цена, но сепак Србија дала пари на граѓаните за тие вакцини. На пријателството да вратиме со пријателство“, најави Заев.