Доколку тоа не ги прекршува протоколите, премиерот Зоран Заев радо би бил меѓу првите што ќе ја примат вакцината, изјави тој во „Тема на денот“ на ТВ „Сител“.
„Без да ги кршам протоколите, да не бидам пред сестрите, докторите или слично. Ако притоа е важно за сите да оцениме оти треба да го дадам примерот, јас ќе го дадам веднаш, несакајќи да ги прекршам протоколите односно да ги скокнам лекарите и пензионерите или хронично болните. Меѓутоа, сигурно ќе бидам меѓу првите што ќе ја прими вакцината за да испратам порака дека е здрава, дека е безбедна“, рече Заев.
Тој посочи и дека е важно сите да ја примат вакцината, инаку би се соочиле со проблеми:
„Треба да знаеме сите дека нема да има можност да нѐ пушти никој да излеземе надвор од државата, односно да влеземе во друга држава ако немаме примено вакцина. Сите се штитат за да не се шири заразата. Колку порано се вакцинира населението, толку побрзо ќе ја искорениме оваа ковид криза и ќе се вратиме во нормала“, рече премиерот.
Во однос на најавуваните количини, Заев откри и дека постои можност за договор со Кина, за 200 илјади дози вакцини против ковид-19.
„Тие најавуваат за јануари ама сѐ уште не знаеме, допрва треба да ги разгледаме условите. Кина има пет вакцини кои ги поминаа фазите на тестирање и веќе се дистрибуираат надвор од Кина и уште две кои што се во фаза на тестирање целосно потврдени од СЗО. За нас е тоа важно и важно е час поскоро да стигнат сите вакцини бидејќи ќе се намали притисокот“, истакна премиерот.