Уште неколку пратеници ќе се приклучат на владејачкото мнозинство, изјави премиерот Зоран Заев во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ „Сител“, но додаде дека деталите ќе ги соопшти по изборите.
„Владината коалиција е стабилна. Комуникацијата е комплетна. Легитимно е секој да се бори за гласовите“, вели лидерот на СДСМ, коментирајќи ги денешните најави на коалициониот партнер Беса во вториот круг од изборите да ја дадат поддршката за Алијанса на Албанците. Тој инсистира дека не го разочарало ниту тоа што ЛДП и ДОМ како коалициони партнери не ги повикале јавно своите гласачи да ја дадат поддршката во вториот круг за кандидатите од коалицијата. Признава дека имаат различности со коалиционите партнери, но ги поврзуваат генералните вредности како што се борбата против корупцијата, реформите во судството, евроинтеграциите, истакна Заев.
„Тоа е убавината на една демократија и слобода. Ние имаме заеднички вредности во коалицијата и тоа нѐ обединува. Важно е да ги мобилизираме сите гласачи со кои споделуваме заеднички вредности“, рече тој.
„Пораката е кон граѓаните е да излезат во вториот круг и да ѝ дадат насока на државата“, повика лидерот на СДСМ, според кого тие во првиот круг од локалните избори не изгубиле од ВМРО-ДПМНЕ, туку од делот од граѓаните кои останале дома и со тоа, како што вели, адресирале сериозна казна поради ефикасноста во работењето и персоналните решенија.
„Верувам дека го променивме пристапот во нашата кампања“, заклучува Заев, испраќајќи порака дека седењето дома во вториот круг би значело комплетна поддршка за нивниот опонент, односно, како што рече, враќање на режимот.
Сепак, дури и ако СДСМ го изгуби Скопје и други поважни општини во вториот изборен круг, покрај тоа што парламентарното мнозинство е стабилно, останува и Владата предводена од СДСМ, категоричен е Заев иако повтори дека тој не би можел да предводи таква Влада со локални политики кои би биле спротивни од тие на централната власт, но потенцирајќи дека тој е борец и дека пораката главно била за мобилизација.
„Секако, Влада предводена од СДСМ заедно со коалиционите партнери, дај боже како што се надеваме зајакната плус, заради тоа што е важен секој пратеник. Не е исто дали се 62 или сте 64 или 66 или 68 пратеници во коалицијата на мнозинството во делот на сето тоа што е закочено на пример во Собранието и сл, останува влада предводена од СДСМ“, рече Заев.
Тој повтори дека смета дека не е време за предвремени парламентарни избори, бидејќи, според него, следните две и пол години се неповторилива шанса да се развива економијата и да се валоризира веќе сработеното.
„Сите крупни прашања се затворија. Дома немаме етнички отворени прашања, немаме отворени прашања со соседите, петте точки со Бугарија ги знаеме и ги работиме. Верувам дека по 14 ноември кога завршуваат изборите во Бугарија до следната седница на Советот за општини работи имаме доволно време тоа да го завршиме и да ја добиеме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.