Заев: Унгарија да одговори дали Груевски бил киднапиран

Дека бегалецот Никола Груевски Македонија ја напуштил со дипломатски автомобил на Унгарија, прво преку Албанија, а потоа и преку Црна Гора – не е спорно, вели премиерот Заев, истакнувајќи дека информациите се потврдени и по службен пат преку безбедносните служби на овие земји.

Заев рече дека во Македонија се водат две истраги: Како избегал Груевски, и дали има одговорност кај било која од институциите. Информациите од истрагите, освен на Унгарија, ќе им бидат дадени и на ЕУ, Јоханес Хан и Федерика Могерини, најави Заев, а доколу се утврди одговорност кај институциите, истата ќе ја сносат.

Сепак, одговорноста ќе биде најголема за Унгарија, особено ако се случи такво сценарио Груевски да избега во Русија, рече Заев, но и ја повика Унгарија да одговори дали Груевски доброволно избегал за Будимпешта, или можеби бил киднапиран:

„Ги уверувам граѓаните дека ќе направиме се што е во наша надлежност Груевски да биде екстрадиран и да ја отслужи казната во Македонија. Нема да застанеме додека тоа не се случи. И јавно го поставувам прашањето, дали Груевски доброволно ја напуштил Македонија пред да биде издадена потврдата за казната затвор или можеби бил киднапиран. Очекувам Груевски и Унгарија да дадат одговор“, истакна Заев во делот за новинарски прашања на прес-конференцијата за Буџетот за 2019 година.

 

 

- Реклама -