„Ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис“, пишува „општественикот, економист, социјалдемократ и поранешен премиер на Северна Македонија“ (како што стои во неговата кратка биографија на неговиот Фејсбук профил) – Зоран Заев, во неговата анализа на тема „Отпорноста на демократиите“ за списанието „Предизвици“.
Според него, умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување.
Заев посочува и дека демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема, како што вели, крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата, потенцира, треба да ѝ обезбедиме континуиран развој и унапредување.
„Умерените левичари и десничари имаат одговорност да повикаат на здружено делување и треба заедно да се спротивстават на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир“, пишува тој.
Заев додава дека демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи кои ќе им се допаднат на општествата, а не, како што вели, таа да се консолидира со наведната глава пред нападите од радикализмот.
„Прашање е дали постои ‘консолидирана демократија’, бидејќи ако остане таква ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали“, заклучува Заев во анализата.