Гласот на Бугарија да не ја одобори преговарачката рамка, и тоа наспроти едногласниот став на сите останати 26 земји членки, не е во духот на добрососедските односи, а нашата позиција е јасна – европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатералните прашања, порача премиерот Зоран Заев во заедничката изјава со премиерот на Албанија – Еди Рама, во рамки на Скопскиот економски форум.
„Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ. Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Покажавме храброст и искрена волја за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националното достоинство“, истакна Заев.
Тој уште еднаш потврди дека за Албанија и Северна Македонија Европа останува единствената алтернатива и стратешка национална цел за која двете влади вложуваат искрени напори.
„За нас, европските вредности се светост, колку и самата ЕУ да не успее да ги одбрани. ЕУ нема ексклузивитет врз Европа“, категоричен беше премиерот.
Тој подвлече дека европските лидери мора сериозно да земат во предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептицистите. Токму затоа, рече Заев, ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан.
„Сѐ уште му даваме шанса на процесот и остануваме посветени на нашата стратешка цел – членство во ЕУ и целосна имплементација на европските вредности и стандарди во Република Северна Македонија и Република Албанија“, додаде тој.
Заев најави и дека неодамнешната нема да биде негова последна посета на Софија.
„Имам уште една порака. Тие што ме знаат добро, знаат дека не се откажувам. А тие што не ме знаат, нека знаат дека не се откажувам. Ќе одам во Софија повторно, и повторно, и повторно, и ќе барам решение. И ние во таа цел ќе успееме. Северна Македонија е Европа, Албанија е Европа, Балканот е Европа“, порача Заев.