„Тие блокираат, ние наоѓаме решенија. Секогаш ќе правиме максимум за решенија против блокадите што во Собранието ги прават Левица или ВМРО-ДПМНЕ кога блокираат закони и политики од секојдневен, животен интерес на граѓаните. Граѓаните не сакаат кочење, деструкции, уназадување, режим“, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
Тој вели дека власта нема да дозволи таквите политики, според него спротивни на интересите на граѓаните, да ги попречуваат нивните основни права.
„И овој пат не дозволивме 40.000 граѓани кои во моментов се без лична карта да останат без пари, како резултат на несолидарното и неправедно однесување на Левица. Во соработка со Македонската банкарска асоцијација (МБА) најдовме решение за проблемот што настана со граѓаните кои немаат важечки лични карти и затоа не можеа да си подигнат пари од банките и да вршат други трансакции. Граѓаните кои немаат важечки лични карти ќе може да ги користат услугите на банките и штедилниците со пасоши, а како важечки ќе се земат и потврдите од МВР за поднесено барање за издавање нова лична карта“, соопшти Заев.
Тој посочува дека сите банки и штедилници прифатиле веднаш да го применуваат ваквиот начин на идентификување на клиентите коишто немаат валидна (важечка) лична карта, овозможувајќи им непречено користење на своите услуги и производи. Решение за овие граѓани премиерот вети и за претстојните локални избори.
„Со министерот за внатрешни работи и со целата Влада ќе најдеме и системско и целосно решение и начин и да го обезбедиме уставно загарантираното право граѓаните да не бидат исклучени од избирачкиот список заради застарените лични карти и во соработка со Државната изборна комисија (ДИК) ќе се направи сè за да се изнајдат законски можности за граѓаните со неважечки лични карти да можат да го остварат своето основно демократско право, да можат да гласаат на избори“, подвлече Заев.
„Законите ги носиме и се усвојуваат во Собранието во интерес на граѓаните меѓу другото и за остварување на нивните права.
Секоја блокада во законодавниот дом е директно на штета на граѓаните. Во интерес на основните човекови и демократски права, апелирам уште еднаш до опозицијата – запрете со блокадите, граѓаните имаат право на сопствените пари и на сопствениот глас!“, додаде тој.