Заев: Строго ги демантирам лагите со опашки на Антонио Милошоски

Премиерот Зоран Заев остро ги демантира обвинувањата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, дека на лидерската средба најавил пуштање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од притвор во Шутка, во домашен притвор.

Милошоски, по завршувањето на седумчасовната лидерска средба, изјави дека Заев најавил дека за 10 десетина дена на Јанева ќе ѝ биде укината мерката притвор и заменета со поблага – домашен притвор. Милошоски го обвини премиерот дека однапред ги знае судските одлуки и тоа го карактеризираше како доказ за постоење на спрега, како што рече, меѓу владата, обвинителството, судовите и самата Катица Јанева, а со цел случајот „Рекет“ да се заташка поради наводната вмешаност на функционери на актуелната власт, според ВМРО-ДПМНЕ.

„Лаги, и тоа со опашки“ – така Заев ги оцени овие обвинувања од Милошоски. Тој објасни дека на средбата рекол единствено дека од адвокатката на Јанева – Ирена Фрчкоска, бил информиран дека е логично Јанева да бара трансфер на предметите во Јавното обвинителство, заради одговорност, но и затоа што со нивното предавање Јанева се надева на олеснителни мерки во истрагата, односно невлијание на сведоците, невлијание на предметите. Ова бил одговорот на премиерот кога на лидерската средба бил прашан зошто воопшто да се преговара за Законот за јавно обвинителство, кога и онака предметите ќе бидат предадени, тврди Заев.

„Тоа е коментарот за да продолжиме да преговараме. Вака некој со лаги тоа да го злоупотреби е нечесно кон јавноста и нека му е на чест на Милошоски“, рече тој (видео ТУКА).

Инаку, како што објасни адвокатот Јанаки Митровски неодамна во интервју за ТВ „Алфа“, тому со невлијание врз сведоците и невлијание врз предметите, Јанева се надева да отстрани две од основите врз кои ѝ е изречена мерката притвор:

„Постои лична причина кај Катица Јанева (да бара СЈО да ги предаде предметите). Не заборавајте дека притворот ѝ беше одреден по сите три основи, а со самото предавање на предметите ќе отпаднат, барем таа се надева, две од тие три. Тоа се: можноста да се повтори кривичното дело, влијание врз истрагата, и влијание врз сведоците. Со тоа таа би се надевала на евентуално добивање на домашен притвор“, објасни Митровски.

 

- Реклама -