Заев: Србија ќе ни даде 8.000 вакцини на „Фајзер“, тоа е сериозен чин на пријателство

Србија ќе одвои 8.000 вакцини против ковид-19 од својата набавка од производителот „Фајзер“ и ќе ги даде на Македонија, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

Како што информираше тој, Србија одговорила на барањето на македонските власти за помош со вакцините, а помошта била потврдена во комуникација со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Според Заев, Вучиќ понудил вакцините да бидат донација, но на крајот сепак се договориле Македонија да ги плати вакцините, но по набавна цена.

Како што рече премиерот, ова е среќна вест, со оглед дека писма за помош околу вакцините македонските власти испратиле и до други земји:

„Многу сум благодарен од името на целиот македонски народ. Станува збор за сериозен чин на пријателство, Србија сака солидарно да сподели со јужниот сосед дел од вакцините кои ги има“, изјави Заев, а за гестот на Србија потоа информираше и на социјалните мрежи:

Деталите околу набавката, како што соопшти Заев, ќе ги договараат министрите за здравство, а тој ќе оствари и уште еден разговор со неговата српска колешка – премиерката Ана Брнабиќ, за да се договорат кога и како ќе бидат испорачани 8-те илјади вакцини.

 

- Реклама -