Заев смета дека Џафери спротивно на Уставот се обратил на албански, но нема да бара одговорност

Според премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, обраќајќи се на албански јазик во Европскиот парламент, постапил спротивно на Уставот. Сепак, Заев вели дека нема да бара одговорност од Талат Џафери. Наместо тоа, очекува собранискиот спикер самиот да објасни за јавноста што се случило, со оглед дека „тој треба да биде еден од главните чувари на Уставот“.

Според Заев, на две од трите сесии Џафери зборувал македонски, но на третата се обратил на албански бидејќи бил испровоциран од поединци од Бугарија.

„Претседателот на Собранието е еден од главните чувари на Уставот и очекувам сите ние да бидеме пример на почитувањето на Уставот. Талат Џафери спротивно на Уставот се обрати во Парламентот на ЕУ и точно е да се каже дека имаше три сесии, на двете сесии зборуваше на македонски јазик, на третата зборуваше на албански јазик, испровоциран точно од некои поединци од соседна Бугарија коишто секако укажале дека ќе направат воедначување на нашите јазици, кое што секако никако не е точно. Ние имаме слични, но различни и меѓународно признаени јазици.  Нема да побарам одговорност бидејќи очекувам токму од претседателот на Собранието да објасни што се случило таму, затоа што тој е еден од главните чувари на Уставот на Република Северна Македонија“, рече Заев.

Претходно, Џафери изјави дека не го прекршил Уставот, притоа повикувајќи се на „своето природно право“ да зборува албански, потенцирајќи дека без оглед на кој јазик зборувал, Собранието го претставил во најдобро светло.

 

- Реклама -