Како и да се свртат бројките, нема природна политичка основа за ВМРО-ДПМНЕ да дојде до парламентарно мнозинство, оцени премиерот и претседател на СДСМ – Зоран Заев, синоќа во интервју за „Алсат“, одговарајќи на најавите од лидерот на најголемата опозициска партија – Христијан Мицкоски.
„Мнозинството во Парламентот е стабилно, тоа го покажа и гласањето за доверба на Владата и тоа може да расте, заради тоа што има пратеници со коишто се разговара. Секогаш тоа го правиме на еден природен и едноставен начин во делот на филозофијата, проектите, уверувањата за иднината на државата и одењето напред и очекувам дека парламентарното мнозинство по локалните избори ќе порасне, слушајте ми го зборот“, порача Заев.
Тој оцени дека Мицкоски и Села се заглавени во својата националистичка филозофија и политичка определба и затоа државата, односно едно мултиетничко општество како нашето, со нив не може да оди напред. Нивното заедништво, констатира Заев, се должи на политички математики и очекувања, но „тоа се два остри камења кои се тријат заради својата определба“ бидејќи сѐ уште, според него, зборуваат за „чиста Македонија“ и протестираат против правата на помалубројните заедници, пред сѐ на албанската.
„Со нашата прогресивна политика којашто испорача резултати – направивме пријателство со сите пет соседи и си го сплотивме народот дома, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои што продуцираа национализми од двете страни“, истакна Заев.
Овие избори не се историски но можат да имаат историски последици, додаде тој, затоа што од нивниот резултат ќе зависат и политиките на централно ниво: прво, затоа што општините се многу важен фактор во секојдневието на граѓаните, а второ – бидејќи резултатот од изборите „и тoa како ќе има влијание за идната поставеноста на парламентарното мнозинство и извршната власт“, оцени Заев.