Заев: Шансите за тргање на бугарската блокада ќе се зголемат по изборите во двете земји

„Сметам дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите. И во Бугарија и во Северна Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение“, изјави премиерот Зоран Заев на отворањето на Самитот за Западен Балкан на „Економист“, што се одржува хибридно денеска во Скопје.

Решението меѓу Северна Македонија и Бугарија, нагласи Заев, ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во Црна Гора, Косово или било каде, има влијание врз сите други.

„Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение“, изјави Заев.

Одговарајќи на прашање од регионалниот директор на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо“, изјави Заев.

Разбирам, рече премиерот, зошто политичарите не може да ветат решенија, на пример до крајот на годината, затоа што во меѓувреме се случуваат избори.

„Но, продолжуваме да работиме. Продолжуваме по нашиот пат, прво со пријателство, преку кое што ќе добиеме многу. И двете земји сме членки на НАТО, а минатата година ЕУ донесе одлука за почеток на преговорите. Ние сме горди со се што се случува и покрај тоа што имаше пандемија“, изјави Заев.

МИА

- Реклама -